Меѓународен студентски фолклорен фестивал под покровителство на Општина Карпош

Под покровителство на Општина Карпош, во организација на АКУД „Мирче Ацев“, во понеделникот вечерта на плоштадот кај Млечен ресторан се одржа првиот од двата целовечерни концерти, во рамки на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал, насловен како „Фестивал на солидарноста“.

-Оваа културна манифестација се одржува по 44-ти пат и како секогаш досега, така и годинава во неа учествуваат домашни ансамбли и хорови, како и уметнички друштва од поширокиот регион и светов. Покрај беспрекорниот сценски настап, ансамблите ја збогатија вечерта со својата прекрасна кореографија која изобилуваше со бројни мотиви и детали кои потекнуваат од фолклорното творештво, карактеристично за земјите од кои доаѓаат тие (Словенија, Словачка, Турција и Македонија) – соопштија од Општина Карпош.

На фолклорниот спектакл присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода го изрази своето задоволство, што токму овој традиционален настан се одржува на територијата на локалната самоуправа.

– Обезбедувајќи финансиски средства од својот буџет, Општината во континуитет го поддржува овој фолклорен фестивал којшто е од меѓународен карактер. Ми претставува особена чест што даваме еден скромен придонес во развојот на фолклорните традиции на Македонија – посочи Јакимовски.

Инаку, вчера во просториите на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во населбата Тафталиџе 2 се одржа и националната вечер, на која беше презентирана македонска храна, односно јадења кои се типични за нашата домашна кујна. На овој начин, учесниците на фолклорниот фестивал како и гостите ќе можат преку вкусот на храната, да стекнат автентичен впечаток за традицијата и културата на земјата од која потекнува таа национална кујна.

Утревечер пак, на плоштадот „Делфина“ во населбата Влае ќе се одржи вториот целовечерен концерт, на кој ќе настапат културно уметничките ансамбли.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial