Град Скопје започна со градежните работи за реконструкција на улица 808 во општина Гази Баба, која е под надлежност на Градот, а која е во катастрофална состојба и нереконструирана со децении, иако е многу фреквентна улица, по која се движат и товарни возила бидејќи се работи за индустриска зона.
Минатиот месец на оваа локација се изврши реконструкција на водоводната и атмосферската мрежа, а покрај реконструкција на коловозот на површина од 9.200 метри и должина од 1.000 метри, се изведуваат соодветно пешачка и велосипедска патека од двете страни на коловозот – истакна градоначалничката Данела Арсовска, која присуствуваше на почетокот на градежните работи.
Реконструкцијата се врши на потегот од крстосницата со улица 16 Македонска Бригада, кај централната база на Противпожарната бригада до крстосницата со булеварот Киро Глигоров.