Бурна ноќ на фудбалскиот пазар: ПСЖ, Јунајтед и Сити со трансфери од по 90 милиони евра!

Бурна ноќ на фудбалскиот пазар, барем кога се во прашање дел од најголемите европски екипи.

ПСЖ е прилично активен изминативе денови, па според француските медиуми синоќа реализирал уште еден трансфер по оној на Осман Дембеле за скромни 50 милиони евра. Сега, ПСЖ го договори Гонсало Рамос, извонредниот напаѓач на Бенфика кој, сметајќи ги и бонусите, во француската престолнина доаѓа за 90 милиони евра.

Доведувањето на Дембеле и Рамос значи само едно, а тоа е заминување на Килијан Мбапе кој кариерата сосема извесно ја продолжува во Реал Мадрид.

Во текот на ноќта конечно е завршена и сагата со трансферот на Јошко Гвардиол во Манчестер сити. „Билд“ пренесува дека стоперот ќе го засили европскиот шампион за 90 милиони евра, со тоа што Лајпциг осигурал и пријателски натпревар со Сити во следниот период.

И Манчестер јунајтед не седеше со „скрстени раце“ па „црвените ѓаволи“ синоќа и дефинитивно го договориле трансферот на Расмус Хојлунд кој вклучувајќи ги и бонусите доаѓа за 90 милиони евра, што е без конкуренција најголем излезен трансфер во историјата на Аталанта.

Јунајтед наскоро купува уште еден фудбалер од Апенините бидејќи во екипата пристигнува и Амрабат од Фиорентина.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial