Една година и осум месеци затвор за сопственикот на„Беса Транс“ за фалсификувана исправа

Хаџиу и фирмата Беса Транс, кои се обвинети за фалсификување исправа, за автобусот со кој се случи несреќата немале извод од лиценца за меѓународен превоз која ја издава Министерството за транспорт и врски. Истиот автобус дваесетина пати во период од скоро една година без лиценца ги поминувал државните граници, како и на граничниот премин Деве Баир на денот на несреќата за што беа суспендирани двајца цариници. Беса Транс доби и парична казна од 13 илјади евра и четиригодишна забрана за лиценца за вршење јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.

-Од изведените докази се утврди фактичката состојба опишана во изреката на пресудата дека правното лице Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје не поседувало извод од лиценца за вршење јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај за автобусот марка Мерцедес Бенз, но и покрај тоа при вршење јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај со овој автобус истиот во 20 наврати ја поминал државната граница во време и гранични премини наведени во пресудата. На овој начин обвинетите сториле кривично дело фалсификување на исправа,- изјави – Ивица Стефановски – Судија.

Одбраната ќе се жали на висината на казната, но и смета дека не држи кривичното дело кое им се става на товар на обвинетите.

-За да се исполни битието на ова кривично дело, не само што е потребен материјален доказ, а тоа е вешт наод, напротив, треба да се исполнат и субјективните дејствија кои наводно ги преземале и правното лице и Беким Хаџиу, во конкретната ситуација тоа отсуствува, од причина што таа лажна исправа ниту е изработена, ниту е употребена а ниту постои,- изјави – Асмир Алиспахиќ – Адвокат.

За обвинителството пак обвинението е докажано. Возачите на Беса Транс покажувале некакви документи на граница но потврдено е дека автобусот со кој се случи кобната несреќа немал извод од лиценца, вели обвинителот Милошоски кој откако ќе ја добие писмената пресуда ќе одлучи дали ќе поднесе жалба.

-Обвинителството во обвинението тоа и го вели, дека МТСП воопшто не издало извод од лиценца за конкретниот автобус, нити било поднесено барање ниту била издадена. Тоа значи дека автобусот, како што и е напишано во обвинението, како и што судот при објавување на пресудата го кажа, покажувал пред надлежните државни органи извод од лиценца, а таков за тој автобус воопшто не бил издаден од надлежниот орган,- изјави – Владимир Милошески – Обвинител .

Овој судски процес се однесува на работата на Беса Транс а не и за причините за несреќата. Истрагата која ја водеа бугарските истражни органи вината ја посочи на возачот на автобусот кој исто така загина.

-Причината е недостатокот на контрола врз автобусот од страна на возачот, и високата дури и несоодветна но не и надмината брзина,- изјави – Борислав Сарафов – Заменик главен обвинител на Р. Бугарија (25.01.2022).

Автобусот на „Беса Транс“ кој патувал кон Турција удри во оградата на автопатот „Струма“ кај село Боснек во близина на Софија во раните утрински часови на 23 ноември. Веднаш по ударот автобусот се запали, при што загинаа 45 луѓе, а се спасија седум од патниците.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial