Советот на Општина Центар на последната седница го усвои новиот Детален урбанистички план за Градска четврт Ј 21 – Геолошки завод и Клинички блок, кој предвидува повеќе зеленило, проширување на пристапните и внатрешните улици со тротоари, детска градинка и 600 нови паркинг-места за посетителите на Клинички центар.
Од Општина Центар соопштуваат дека во рамки на усвоениот ДУП планиран е и нов локален парк на површина од 1.013 квадратни метри, а дел од локациите кои се во државна сопственост се искористени за заштитно зеленило и мали паркчиња. Вкупната површина под заштитно зеленило во рамки на опфатот е 1.554 квадратни метри, а под паркови 3.950 квадратни метри.
– Ги потсетувам советниците дека овој ДУП се носи девет години. Голем број граѓани, вклучувајќи ги и министерствата, веќе долго време чекаа тој да биде донесен. Вложено е многу енергија од нашиот Сектор за урбанизам. Верувам дека направивме убав простор што ќе биде од големо значење за граѓаните, кои толку години чекаа да се донесе овој ДУП – истакна градоначалникот Герасимовски.
Планот е усогласен со ГУП на Град Скопје 2012-2022, како и со ажурирани катастарски подлоги, со што се олеснува понатамошното спроведување на планската документација.