Македонската химна ќе ја слушаат и учениците во општина Бутел

Се чини дека практиката на Муцунски, која предизвика големи дискусии по социјалните мрежи меѓу поддржувачите на оваа идеја и оние кои сметаа дека со слушање на химната не се развива љубовта кон татковината, не траеше долго, затоа што според информации од родители на ученици, во некои училишта од почетокот на второтото полугодие воопшто не била пуштана.

Македонската химна, која од октомври минатата година започна да се интонира секој понеделник пред почетокот на наставата во основните училишта во Аеродром и во Гази Баба, ќе ја слушаат и учениците во општина Бутел. Разликата е што таму тоа нема да се прави секој понеделник туку на почетокот на секој нов месец.

 
 

Како што информира градоначалникот Дарко Костовски, учениците ќе оддаваат почит на знамето, слушајќи ја химната. Но, тоа треба да го прават на креативен начин, секојпат различно. Целта е иста како и во двете други општини, да се гради националното чувство кај младите.

 

Градењето национално чувство е одговорност на секој од нас. Новите генерации на посебен начин покажуваат интерес за Македонија. На моја лична иницијатива, основните училишта во општина Бутел на почетокот од секој месец ќе оддаваат почит на македонското знаме, паралелно слушајќи ја македонската национална химна. Ќе оставам простор учениците заедно со нивните наставници да бидат креативни и иновативни за секој пат на различен начин да покажуваат почит за македонските национални симболи и секако за македонската држава – информира градоначалникот Дарко Костовски.

Практиката да се интонира химната пред учениците започна во Аеродром, поточно таму продолжи „традицијата“ која ја започна поранешниот градоначалник Ивица Конески, а беше прекината во мандатот на Златко Марин. Почитта и љубовта кон татковината се градат од најмала возраст објасни актуелниот градоначалник Тимчо Муцунски, враќајќи ја химната меѓу учениците.

Но, се чини дека „новитетот“ на Муцунски, кој предизвика големи дискусии по социјалните мрежи меѓу поддржувачите на оваа идеја и оние кои сметаа дека со интонирање на химна не се развива љубовта кон татковината, не траеше долго. Според информации од родители на ученици во основното училиште „Гоце Делчев“ во Лисиче, децата ја слушале химната само неколку недели, а од почетокот на второтото полугодие воопшто не им била пуштана.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial