Започна реализацијата на прва фаза на еден од најтешките, најголеми и најзначајни проекти во Скопје, односно изградбата на булеварот „Македонија“, кој ќе го реши деценискиот проблем со сообраќајниот метеж во централното градско подрачје.
Како што истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, овој булевар има цел да го растовари сообраќајот во центарот на градот, особено на улиците: „Јордан Мијалков“, „Павел Шатев“, како и на булеварите „Свети Кирил и Методиј“ и „Кочо Рацин“.
Станува збор за потегот на сообраќајницата од Тутунски комбинат во Кисела Вода, која завршува во централното градско подрачје, и во првата фаза се опфатени булеварот и три крстосници, првата меѓу булеварот „Крушевска република“ и улицата „11 Октомври“, втората меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Македонија“ и третата, на двата крака на булеварот „Македонија“ кон втората фаза од булеварот, кои се поврзуваат со подземна сообраќајница кај „Лимак“.
– Реализацијата на ваквите сообраќајни решенија е од особено значење за граѓаните на Скопје и значително ќе го намалат сообраќајниот метеж во центарот на градот и ќе го олеснат движењето на граѓаните низ централното градско подрачје – потенцираат градските власти.
Во првата фаза, која се реализира на траса, предвидени се и нова велосипедска патека по целата должина и пешачка зона, а истовремено, целосно се реконструираат водоводната и канализациската мрежа.