Мурињо се враќа во Премиер?

Португалскиот тренер Жозе Мурињо сака да се врати во Премиер лигата бидејќи планира да го преземе фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед, пренесуваат светските медиуми.

61-годишниот стратег моментално е без работа откако доби отказ од италијанскиот клуб Рома, а во текот на кариерата со голем успех раководеше со Манчестер Јунајтед од мај 2016 до декември 2018 година.

Португалецот со Манчестер Јунајтед ја освои Лигата на Европа, англискиот Лига Куп и Комјунити Шилд, но поради лошите резултати доби отказ во декември 2018 година.

Медиумите во Велика Британија тврдат дека португалскиот тренер лобира да го преземе Манчестер Јунајтед, со кој моментално раководи Холанѓанецот Ерик тен Хаг, за чие заминување од „Олд Трафорд“ се зборува веќе подолго време.

„Мурињо чувствува дека има „незавршена работа“ откако го напушти клубот од Манчестер во декември 2018 година, по серијата лоши резултати. За него тоа е мисија и сака да го преземе Јунајтед, доколку секако се укаже можност“, извор близок до португалскиот тренер изјави за „Дејли Меил“.

Британските медиуми пишуваат иако Манчестер Јунајтед е само на деветтото место на табелата во Премиер лигата, Тен Хаг засега имал поддршка од челниците на клубот.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial