„Сите се вооружуваат, само наивните можат да кажат дека е глупост“, изјави денеска српскиот министер за одбрана на средба со претседателот. Тој вели дека одлуката на Србија е одговор на вооружувањето на Приштина, но и дека Приштина исто така размислува за редовен воен рок. Во меѓувреме, хрватското министерство за одбрана најави враќање на едномесечен редовен воен рок.
Се чини дека духот на ЈНА повторно лебди над Балканот. Србија и Хрватска се пред одлука за воведување редовен воен рок, а Приштина купува ракети од САД и дронови од Турција. Додека граѓаните во Србија исчекуваат одлука за воениот рок, хрватското министерство соопшти дека работи на концептот на пократка, но редовна воена обука, најверојатно од еден месец.
„Хрватска се наоружува поради Србија“, коментираа српските медиуми за одлуката на својот сосед.
Хрватската редовна воена обука, како што се шпекулира, ќе трае само 1 месец. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја потврди одлуката на хрватското минстерство за одбрана.
Во Србија, претседателот Александар Вучиќ неодамна изјави дека одлуката ќе биде донесена најдоцна до 1 мај и дека армијата му дала убедлив аргумент дека одлуката е неопходна. Во српскиот случај, предлогот на војската бил воен рок од 4 месеци, соопшти тамошното министерство за одбрана.
Според анализа на српски „Данас“ одлуката би можела да ја чини Србија меѓу 130 и 600 милиони евра. Српскиот министер за финансии Синиша Мали изјави дека парите се најмалиот проблем.
Во хрватскиот случај, огромно мнозинство граѓани го поддржуваат воведувањето воена обука. Според новото истражување презентирано од ХРТ, дури 75,5% од испитаниците одговориле дека поддржуваат воведување некаква форма на воена обука, нешто повеќе од 20% од нив не го поддржуваат, а 4% од нив одговориле дека не знаат.
Околу 61% од анкетираните во Хрватска сметаат дека тоа е влошувањето на безбедносната состојба и конфликтите во светот. Околу 20,5% од нив сметаат дека се работи за предизборна кампања, а 5,5% од анкетираните сметаат дека причината е вооружувањето на Србија и воведувањето воен рок во таа земја.
10% од испитаниците рекле дека не знаат.
„Само наивните велат дека ова е глупост“
Челници и експерти од двете држави, Србија и Хрватска, дадоа силни изјави во одбрана на одлуките.
Српскиот министер за одбрана Вучевиќ на средба со претседателот Александар Вучиќ во Топчидер рече:
– Сите се вооружуваат, само наивните можат да кажат дека е глупост, дека е џабе и фрлање пари во бунар… Трошиме колку што можеме. Многу е зад нас времето кога нé убедуваа дека војската не ни треба – нагласи Вучевиќ, додавајќи дека на денешната средба сите биле едногласни во ставот дека треба да се врати задолжителниот воен рок.
Тој вели и дека на Србија очајно и треба мир но дека без воениот рок не може да ги пополни сите формации и единици, пренесе српски Курир.