Бектеши: Цената на струјата нема да се зголеми од 1 јануари

Министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека од 1 јануари ќе нема зголемување на износот на фактурата за струјата за граѓаните и покрај новата методологија и новата ставка за пристап до мрежа, од којашто според него, се засегнати граѓаните кои имаат викендици, по две-три куќи или два-три стана.

Тој негира дека се компензира воведената евтина тарифа со новата ставка во фактурите заради тоа што, како што појасни, граѓаните кои што имаат повеќе потреба од поддршка се повеќе во рамки на првиот и вториот блок во потрошувачката. Тие што се во четвртиот блок, според него, немаат никаква потреба да бидат поддржани од страна на државата.

Одговарајќи на новинарски прашања Бектеши рече дека енергетските компании можат да бараат и 400 и 500 отсто во делот на трошоците што ги пријавуваат и согласно тоа што планираат да инвестираат, но оти Регулаторната комисија за енергетика ќе одлучи колку тие трошоци ќе ги прифати.

-Дваесет и седум отсто не е некое големо побарување ако споредиме со претходните години од страна на МЕПСО и од страна на ЕВН дистрибуција и ЕВН Хоум, најверојатно нема да бидат прифатени. Цената за домаќинствата и малите потрошувачи нема да се зголеми од 1 јануари, во спротивно ќе имаат дополнителна можност со користење на евтината тарифа да им биде намалена, рече Бектеши.

Тој порача дека имаме правична методологија и согласно категории на граѓани.

– Во склоп на Енергетскиот совет речиси веќе една година се работи на нова методологија се со цел да се врати евтината тарифа, воедно на новите давачки, а тоа ќе тангира одредени групи граѓани кои имаат викендици, по две-три куќи, два-три стана и слично, поради тоа што во делот на наплаќање за дистрибутивната мрежа повеќе плаќаат тие граѓани кои навистина користат електрична енергија, каде што пресметката се применува врз потрошувачката и колку е користено како мрежа. Тие кои имаат викендици и користат еднаш, два пати, три пати во годината, тие кои не ги користат становите, куќите, дополни Бектеши, ќе го платат тој надомест, а за граѓаните кои навистина користат електрична енергија и имаат еден стан или куќа ќе се намали ставката за дистрибутивна мрежа. Тоа значи дека имаме правична методологија и согласно категории на граѓани во нашата држава, рече Бектеши.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial