Во Косово фалсификуваните евро монети се прифатливи како средство за плаќање!

Во едно од кафулињата во Приштина се откажале од проверката дали монетата од две евра е оригинална, бидејќи има голем број лажни банкноти и затоа што речиси е невозможно да се утврди дали се фалсификати! Според келнерот Ендрит, на почетокот сите биле загрижени и проверувале дали паричката од две евра е лажна или не. Тој и неговите колеги ја изложувале паричката на светлина за да проверат дали е оригинал или фалсификат пренесува Кликс.ба.

„Сега веќе не ни проверуваме. Можеби земаме лажни пари или можеби даваме лажни пари. Се е исто“, вели Ендрит. Бројот на фалсификувани монети од две евра годинава е значително зголемен. Косово и Црна Гора не се во еврозоната, но сепак го користат еврото како своја валута. Во еден дуќан во Приштина сметаат дека шест од 11-те монети од две евра во нивната каса се лажни.

Трговците, велат дека немаат друг избор освен да ги прифатат, бидејќи во оптек има големо количество лажни монети. Приштинската полиција во првата половина од годинава открила 30.000 фалсификувани монети од две евра, додека во истиот период лани имало 4.451 вакви монети.

„Квалитетот на фалсификуваните монети е од многу лош до многу добар. Порано лажните монети не беа магнетни, но сега се. Порано не беа тешки како вистинските, сега се тешки како вистинските монети“, изјави експертот Вјолца Мавриќи. Полицијата соопшти дека лани до обвинителството упатила 804 предмети поврзани со фалсификување пари, а од почетокот на годинава упатиле 486 предмети. Во април, маж и жена беа уапсени бидејќи се обиделе да увезат 10.600 лажни монети од две евра од Северна Македонија.

На социјалните мрежи се нудат лажни монети или други банкноти на евра и се продаваат за 10 до 20 отсто од нивната номинална вредност. Директорот на јавното претпријатие за паркирање во главниот град на Косово, Сокол Хаволи, истакна дека добивал толку многу лажни монети од две евра дневно што решил повеќе да не ги прифаќа.

Банките и донираа уреди за идентификација на лажни монети на оваа компанија. Централната банка на Косово најави дека банките и другите финансиски институции треба да пријават фалсификувани пари што ги добиваат од клиенти, пренесува Ројтерс.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial