Имал ли протераниот и од Македонија и од Бугарија руски свештеник Васијан Змеев значајна улога во влошувањето на односите меѓу Скопје и Софија во изминатите години?
-Сметам дека и овие црковни лица ги надминале своите надлежности, а гледаме дека биле активни и во Македонија, а чија основна цел на руското разузнавање е Бугарија и Македонија да имаат лоши односи, а Македонија да не тргне по европскиот пат. , вели во разговор за БТВ, Милен Керемедчиев, поранешен заменик министер за надворешни работи
Змеев, кој пред 10 дена беше прогласен за персона нон – грата од Македонија, а протеран вчера и од Софија како закана за националната безбедност пет години бил на релација Скопје – Софија и имал зачестени средби и со претставници на МПЦ – ОА. Случајот Змеев се совпадна и со неодамнешните наводи на претседателот Пендаровски дека луѓе од Синодот на МПЦ соработувале со руските служби. За поранешниот претседател на Комисијата за односи меѓу заедниците, Цане Мојаноски руското црковно влијание од поодамна било присутно во МПЦ, кое очигледно се интензивира по расколот меѓу Руската црква и Вселенската патријаршија.
-Ако прашањето го набљудувате историски, тие и во периодот кога МПЦ беше шизматска, односно не беше во православниот свет, тие имаа определни релации и влијанија. Очигледно расцепите меѓу Цариград и Москва се прекршуваат или добиваат одредени поддржувачи во структурите на МПЦ – ОА. МПЦ е мала црква и може да биде мета на злоупотреба на овие два центри. , вели за Канал 5, проф.д-р Цане Мојаноски, поранешниот претседател на Комисијата за односи со верските заедници
Освен статусот непожелна личност за рускиот свештеник, Македонија минатата недела протера и тројца руски дипломати поради активности спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи, потег кој Москва го оцени како непријателски чин кој нема да остане без одговор.