За два месеца, полицијата казнила само деветмина питачи

– Не сме задоволни од резултатите, со оглед на тоа дека бројот на питачи во државата од 2.000 е зголемен на 2.700, а во Скопје – од 100 на 200-250 – реагира Илија Јовановиќ, претседател на Здружението „Градиме иднина“. Тој смета дека не само полицијата туку и сите други надлежни институции треба да се вклучат и да го поддржат проектот „Стоп за питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“. Но, тој е упорен во своето настојување да го искорени овој децениски проблем и вели дека нема да се откаже сè додека не се отстрани и последниот питач 

Последните два месеца, полицијата активно се вклучи во отстранување на питачите од скопските улици, но, според Илија Јовановиќ, претседател на Здружението „Градиме иднина“, кој е иницијатор за реализација на проектот „Стоп за питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“, тоа не е доволно за конечно да се искорени овој проблем. Тој информира дека иако полицијата е на повеќе реони, во последните два месеца се казнети само деветмина питачи.

– Од нашите апели, критики, гостување, постојано објавување преку медиумите, МВР почна да мрда, колку-толку, да ги отстранува питачите. Но, сметам дека сè уште е мал бројот на казнети. Како здружение, не сме задоволни од резултатите, со оглед на тоа што бројот на питачи во државата од 2.000 е зголемен на 2.700, а во Скопје – од 100 на 200-250 – реагира Јовановиќ.

Тој додава дека ќе поднесе нов план и програма како да се постапи за полицијата да биде повеќе ангажирана.

– Не само полицијата туку и сите други надлежни институции треба да се вклучат и да го поддржат проектот. Според моите анализи, овој проект може да се заврши за два месеца – дециден е Јовановиќ, иако, како што нагласи, повеќе државни органи, особено центрите за социјална работа, го кочат целиот процес, бидејќи, како што вели тој, не излегуваат на терен.

Јовановиќ смета дека и општините треба да се вклучат повеќе во решавање на овој проблем со отворање дневни центри, секоја на своја територија.

– Два дневни центри за деца на улица во Шуто Оризари и во Кисела Вода, колку што има во Скопје, не ја завршуваат работата. Општините и градоначалниците треба да го поддржат овој проект – потенцира Јовановиќ.

Но, тој е упорен во своето настојување да го искорени овој децениски проблем и вели дека нема да се откаже сè додека не се отстрани и последниот питач.

Проектот „Стоп за питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“ започна на 3.12.2021 година. Град Скопје го поддржа овој проект финансиски со 80.000 денари за набавка на три велосипеди за да продолжат патролирањето и дежурствата во текот на целиот ден, во четири смени, и тоа: од 09:00 до 11:00 часот, од 13:00 до 17:00 и од 19:00 до 23:00 часот, на целата територија на Град Скопје.

Здружението „Градиме иднина“ има три мобилни патроли во кои бесплатно учествуваат волонтери, и тоа секој ден од понеделник до сабота, во четири смени.

„Градиме иднина“ води интерни записници за сите извршени волонтерски дежурства, во кои, колку и на кои локации ги има питачите, од најмали до највозрасни.

– На два или на четири месеци, ги доставуваме сите сработени записници до МВР, ОЈО и се дистрибуираат до МТСП и до сите центри за социјални работи. Писмени информации доставуваме и до сите полициски станици во целиот Град Скопје, како и во цела Македонија – вели  Јовановиќ.

Тој заклучува дека на месечно ниво, питачењето носи црн профит и заработувачка од 35.000-45.000 до 55.000, што, според него, претставува измама од питачите кон самите граѓани.

– Доколку се знае дека има околу 2.000 питачи по 2.500 од ден, тоа се 5 милиони денари од дневно питачење. Еве колку секојдневно се злоупотребувани граѓаните од самите питачи. Каде и во чии џебови завршува оваа голема сума? – прашува Јовановиќ.

(А.П.)

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial