Кадетската репрезентација на Македонија оствари историски пласман на Светското првенство во Хрватска и утре ќе разигрува за деветтото место против Чешка. Синоќа беше совладана четвртопласираната селекција во оваа генерација од последното Европско првенство, Унгарија, со 22-20.
Асистентот на селекторот Раде Стојановиќ, поранешниот репрезентативец Бранислав Ангеловски со одушевување зборуваше за младите момци и нивниот подвиг.
„Знаевме дека сме ниски, знаевме дека физички не можеме да се носиме со покорпулентните од нас. Но, борбеноста е еден вид карактер кој го краси овој колектив. Какви и да се, наши синови се, синови на Македонија, а верувајте, овие деца се најдобри“, напиша Ангеловски на социјалните мрежи