Словенија го прогласи 14 август за Ден на солидарноста: Ќе биде слободен ден за граѓаните…

Словенската Влада го прогласи 14 август за Ден на солидарноста, граѓаните ќе добијат слободен ден за да можат да помогнат на загрозените од поплавите.

Одлуката ја објави премиерот Роберт Голоб и рече дека земјата треба да го заврши тешкиот период во духот на солидарноста. Тој додаде дека луѓето ќе добијат слободен ден „за да му помогнат на познаник, сосед, пријател и на сите што биле погодени од големите поплави“.

Голоб во видео-обраќањето објавено на неговиот Инстаграм профил наведе дека во последните денови има многу иницијативи и предлози од граѓаните во врска со катастрофалните поплави, а една од нив била да се прогласи 14 август за слободен ден за „сите да можат да покажат дека настраданите од поплавите не се сами“.

– Владата одлучи 14 август да биде ден на солидарност, ден кога цела Словенија ќе ги здружи силите и секој од нас ќе го даде својот максимум – рече Голоб и нагласи дека е убеден дека Словенија може да го направи тоа.

Во меѓувреме, Трговската и индустриската комора (ЦЗС) ја критикуваше оваа одлука на владата, велејќи дека денот на солидарноста ќе создаде дополнителни трошоци за компаниите во другите делови на земјата.

Неработниот ден ќе ги зафати и стопанствениците погодени од поплавите кои успеаја да ги санираат штетите и планираат повторно отворање. Ова ќе ги зголеми нивните трошоци покрај штетите од поплавите со кои веќе треба да се справат.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial