Никој нема да победи во трговска војна или војна со тарифи, одговори портпаролот на кинеската амбасада во САД на најавите дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе воведе царини од 25% за Кина, Канада и за Мексико и дополнителни 10% за увоз на стоки од Кина, пишува Њузвик.
Лиу Пенгју на Икс напиша дека трговската соработка меѓу Кина и САД е заемно корисна. Тој го коментираше и фактот дека Трамп преку царините сака да се бори со нелегалната трговија на дрога и фентанил велејќи дека Кина и САД редовно комуницираат за ова прашање.
„Сите овие нешта докажуваат дека идејата Кина свесно да дозволи проток на материјали за (опојната дрога) фентанил во Соединетите држави е целосно спротивна на фактите и на реалноста“.
Царините кои ги предлага Трамп се обврска не за државите туку директно за компаниите кои извезуваат во САД.
Тарифите, доколку се применат, би можеле драматично да ги зголемат цените за американските потрошувачи на сè, од гас до автомобили до земјоделски производи. Соединетите Американски Држави се најголемиот увозник на стоки во светот, а Мексико, Кина и Канада им се трите најголеми добавувачи.
Доколку се зголемат инфлациските притисоци, Федералните резерви во САД можеби ќе треба да ги задржат своите референтни каматни стапки повисоки.
Ова е предизвика за економиите на Мексико и Канада. Најавата, пак, за тарифи за германската автомобилска индустрија ги зголеми стравувањата во Европската Унија од трговска војна со САД. Еврото e на најниско ниво во однос на доларот во последните две години.