Дали декември ќе се потврди како важен месец?

Можна ли е деблокада на македонскиот интеграциски пат до крајот на годината? Во политички брифинзи сѐ почесто декември се спомнува како важен месец во кој би можел да се постигне исчекор во односите со Бугарија. Претседателката  Гордана Сиљановска-Давкова на брифинг во понеделникот, рече дека значајни европски актери му пренеле на државно-владиниот врв дека Северна Македонија направила многу досега и дека сега е ред на Европската Унија да испорача.

„Има решение низ интерпретација на европската Преговарачка рамка, се разбира, ако има добра волја. Тоа секаде го кажувам, за решение треба двајца и мислам дека е можен исчекор“, рече претседателката. Конкретно, претседателката ги спомена земјите од Вишеградската група и Белгија кои искажале поддршка и од кои потекнува оптимизмот дека е можен некаков пробив. 

Според претходни брифинзи од владини извори, лидери во две европски земји изразиле подготвеност да се вклучат и посредуваат меѓу Скопје и Софија. Детали за периодот и тек на таква активност засега не се познати. 

Освен средбата Сиљановска-Радев, на јавна сцена во моментов не се видливи други контакти што би укажувале на кршење на мразот, но според наши извори, потенцијалните дипломатско-политички напори сигурно не би биле „пред камери“.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial