Албинизам, мицкоизам, бадентеризам…

„Бадентер суштината на еднаквоста“, е темата на панел дискусија што денеска напладне ја организира Европскиот фронт во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Темата не е случајна, следува по вчерашната изјава на Бујар Османи дека „нема влада без двојно мнозинство – обично и Бадентерово”.

На површина повторно испливаа фрази од некои минати времиња, како што е повикот на Европски фронт „против мајоризација“.

Дури и вчерашното прогласување на Али Ахмети за почесен граѓанин на Тирана, беше искористено за критики на домашен терен.

„Али Ахмети, почесен граѓанин на Тирана. Мицкоски си зел за право да го понижи и потчини овој човек. Ќе одговориме на 8 мај!“, пишува Бујар Османи на Фејсбук.

Стабилна влада со Европскиот фронт

Сѐ почна откако ВМРО-ДПМНЕ порача дека е време ДУИ да замине во опозиција и дека нивен партнер во идната влада би била коалицијата „Вреди“. Од Европскиот фронт, кој се претставува како најцврстата опција што го оцртува евроатлантскиот пат на Северна Македонија, не штедеа критики ни за „Вреди” ни за ВМРО-ДПМНЕ. Од вчера Европскиот фронт предводен од ДУИ се повикува на нужноста од Бадентерово мнозинство за формирање стабилна влада, нешто што можело да го обезбеди само Европскиот фронт, судејќи според резултатите од првиот круг од претседателските избори.

„Граѓаните одлучуваат кој ќе ја формира владата. Затоа има две мнозинства според Рамковниот договор. Прво се бара 61, потоа се бара Бадентерово мнозинство. Тие што ги исполнуваат двете мнозинства, тие формираат влада, тоа е толку просто и јасно“, посочува Османи.

Бујар Османи беше претседателски кандидат на Европскиот фронт, предводен од ДУИ
Бујар Османи беше претседателски кандидат на Европскиот фронт, предводен од ДУИФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој апелира до симпатизерите на опозицијата – да не им веруваат на политичките понуди, кои се блиски до ВМРО- ДПМНЕ.
„Албанските гласачи веќе немаат причина да им веруваат на оние кои изборната кампања ја почнаа со албинизам и ја завршуваат со мицкоизам!“, повикува Османи.

„Врз митот за права направија милиони…“

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат децидни дека е исклучена секаква соработка со ДУИ. Мицкоски синоќа од митинг во Гостивар рече дека и овие денови ги слуша истите обвинувања кои се редовен декор секогаш кога ДУИ е критикувана поради криминал и корупција.

„Нападната е затоа што се фатени како ја ограбуваат Македонија. И не ги ограбуваат само Македонците. Ги ограбуваат сите, и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Бошњаците, ја ограбуваат Македонија. Фатени во грабеж, обвинуваат дека сме имале против Албанците и затоа сме ги напаѓале”, рече Мицкоски.

Тој посочува дека се злоупотребуваат Албанците и нивната мака. 

„Врз митот ‘права за Албанците’, и Артан, и Али, направија милиони евра за себе. Имаат имот како шеици од Саудиска Арабија, додека албанскиот народ гладува и се сели од Македонија. Најголемата злоупотреба овие дваесет години е состојбата со правата на Албанците, коja овие криминалци од ДУИ се обидуваат да ја наметнат како тема кога се фатени во криминал. Секогаш кога тие зборуваат за ова, на своето конто си редат по уште еден милион народни пари,” рече Мицкоски.

На ДУИ и порача дека ќе оди во опозиција, каде прво мора да одговара за криминалот, а потоа да се реформира. 

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial