Нова Алтернатива на Данела Арсовска учествува на парламентарните избори 2024

Ноќеска на полноќ заврши рокот за поднесување на кандидатските листи за парламентарните избори за пратеници на 8 мај.

Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), листи за пратеници за сите шест изборни единици до синоќа поднесоа коалициите предводени од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалиција „Македонска ера трета сувереност“, Европски фронт предводен од ДУИ, партијата ЗНАМ и Работничка партија.

Листи поднесоа и партиите Родина, Аваја за третата, четвртата, петтата и шестата изборна единица и „Твоја партија“ за првата, втората, третата и четвртата изборна единица. Последна, на пет минути пред полноќ, листи за пратеници до ДИК доставила партијата на Данела Арсовска, Нова Алтернатива која на овие избори ќе учествува во првата, втората, третата и четвртата изборна единица.

Единаесетите парламентарни избори во земјата се редовни и ќе се одржат на 8 мај.

Кандидатите ќе се „натпреваруваат“ за 120 пратенички места во собранискиот состав 2024-2028 година. Во Избирачкиот список за парламентарните избори запишани се 1.815.350 избирачи, додека за претседателските избори 1.814.317 граѓани со право на глас.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial