Околу 350 лекари и 1.400 медицински сестри чекаат вработување додека ветените 1.117 се стопирани. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи и дали министерот за финансиии Бесими од ДУИ издал согласност за нив. Вработувањата на медицински кадар имаше само во болницата во Гостивар.
Младиот доктор Александар Веселинов тргна на патот кон прво вработување. Тој е еден од најдобрите студенти на Медицинскиот факултет во Штип, каде дипломираше со просек 9,82, во минатата 2023 година.
Откако добил лиценца од Лекарска комора, чекал два месеца да го повикаат на т.н „платен стаж“ од шест месеци во државното здравство – обврска што ја има секој млад лекар за да може да запише специјализација.
Претходно, преку разни програми се обучувал во Истанбул и во Хрватска.
Податоците што од Агенцијата за вработување ги доби Радио Слободна Европа покажуваат – заклучно со 31 јануари 2024, во Северна Македонија имало 354 невработени доктори по медицина и околу 1.420 невработени медицински сестри.
Најголем дел од невработениот медицински кадар за прво вработување чека до 11 месеци. Но има и такви за кои времето на чекање и по пет години и повеќе (во оваа група се 39 општи медицински сестри, 115 медициски техничари, 23 бабици…).
Партијата посилна и од просекот на Медицински факултет
Инспекторатот за труд минатата недела направи вонреден инспекциски надзор во болницата во Гостивар, откако порталот „Порталикс“објави снимка на која се тврди дека се слуша гласот на Илбер Адеми, директор на болницата, како на кандидат за вработување му вели дека на огласот имало еден куп кандидати, дека било пекол, но дека на крај не одлучува тој, туку партијата.
Директорот Адеми не негира дека е тој на снимката, а за телевизијата Канал 5 изјави: „Знаете партиски интервенции горе долу, меѓутоа мојата одлука не се оснива директно на некоја партиска одлука. Туку на моја лична одлука. Професионална одлука “изјави Адеми.
На тоа се жалат и младите лекари – дека не можат да се вработат во јавно здравство ни со висок просек од студиите, бидејќи тука се вработува најчесто преку партија или по „други критериуми“.
„Се повторуваат истите шеми со вработувањата во здравството, само што сега во случајот со Гостивар имаме 100 отсто етничка компонента. Слични случаи имавме на Клиника за гинекологија, на Инфективна клиника. Ние повторно ги повикуваме колегите да излегуваат јавно и да ги кажуваат проблемите. Ама, тие што се храбри, си отидоа од тука“, вели д-р Ненад Лазаров од Асоцијација на специјализанти и млади лекари.
Инспекторатот има рок од десет дена да се произнесе дали имало неправилности околу овој оглас.
Партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ реагираа за вработувањата во гостиварската болница и побараа да се поништи огласот.
„Важи ли правичната застапеност, на која се повикуваат поединци (ама само тогаш – кога им одговара), за вработувања во гостиварската општа болница? Погледнете убаво и уверете се дали и како се спроведуваат во Гостивар балансерот и Бадинтерот, реагираше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.
Општинската организација на СДСМ-Гостивар во преку соопштение оцени дека „ се случи грубо кршење на начелото за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници при вработување во органите на државната власт и другите јавни институции“.
Во меѓувреме, клиниките не можат да реализираат минимум вработувања. Таков пример е Универзитетската клиника за детски болести, каде трет месец не се одобрува вработување на двајца педијатри, иако кандидатите ги поминале интервјуата.