Гасната централа на „Митилинеос“ за граѓаните ќе донесе 5 отсто пониски сметки за струја и дури 40 отсто за парно

Клучните придобивки што ќе ги донесе гасната централа на „Митилинеос“ за граѓаните се 5 отсто пониски сметки за струја и дури 40 отсто за парно. Тоа за сегашните и за идните генерации значи енергетска независност и стабилност, и достоинство за државата која не би се довела во ситуација да зависи од странски држави, особено во ситуација на криза, посочува Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.

– Со договорот граѓаните добиваат гаранција дека во следните 20 години ќе имаат стабилен извор на електрична и топлинска енергија и предвидливи цени – пониски сметки за струја за сите граѓани на државата, пониски сметки и до 40 отсто за парно и значително поздрав воздух за моите сограѓани од Скопје. Дополнителни придобивкисе 120 до 150 милиони евра коишто ќе влезат во државниот буџет по основ на данок на добивка, придонеси, царини и други давачки. Околу 250 директни и индиректни работни места за македонските граѓани, како и дополнителни најмалку 300 работници коишто ќе се ангажираат во фаза на изградба на централата. Сето тоа се плати, и тоа добри плати за македонските граѓани – вели Деспотовски.

Клучната разлика меѓу увезената електрична енергија и струјата произведена на територијата на Северна Македонија се трошоците за преносните капацитети кои се плаќаат за таа да стигне до земјава. Оттука договорот за изградба на когенеративната гасна централа на „Митилинеос“ и откуп на струјата што ќе ја произведува значи дека таа ќе биде најмалку пет проценти поевтина.

Експертите објаснуваат дека при увоз, цената на берзата е одредена од гасните електрани. На пример, освен што треба да се купи на берзата во Унгарија, таа струја треба и да се донесе во земјава, а тоа значи плаќање преносни капацитети во неколку држави, гранични капацитети и маржи на трговците. Електричната енергија што се произведува во Скопје од самиот почеток има основа да биде поевтина само доколку се гледаат овие надоместоци.

Во сегашни услови, повеќе од 30 отсто од потребите за електрична енергија државата ги задоволува преку увоз или од приватни субјекти. Во 2022 година, на пример, беа исплатени над 400 милиони евра за увоз на електрична енергија. Моментно, ЕСМ ја продава струјата на „ЕВН хоме“ по цена од 58 евра за мегават-час. Цената, пак, од стратешките партнери ќе биде 55 евра за мегават-час.

Дополнително, струјата што ја произведува РЕК Битола е добиена од јаглен. Ова производство ќе поскапи поради данокот на ЦО2 од Европската Унија од околу 70-80 евра за мегаватчас. Со сегашните цени, тоа би значело дека цената на струјата од РЕК ќе достигне до 150 евра.

Во однос на топлинската енергија, цената на топланите што ја одредува РКЕ во моментов се прилагодува на месечно ниво според барањата на ТЕ-ТО. Експерите посочуваат дека за време на викенди, ТЕ-ТО самостојно одлучува дали ќе работи или не во зависност од цената на струјата. На тој начин товарот паѓа на ЕСМ којшто е принуден да ги зголеми трошоците за да произведе доволно топлина. Со овој досегашен пристап, граѓаните на Скопје воопшто не се заштитени, односно во најголема мера зависат од проценките на ТЕ-ТО.

– Ваквите електрани се поефикасни од топланите, бидејќи произведуваат и струја и топлина. Таа цена што ја плаќаме за топланите 5,3 денари, сега ќе биде 2,3. Кога ќе влезе во целиот систем, сметките за струја ќе се намалат значително – вели директорот за развој и инвестиции на ЕСМ, Виктор Андонов.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial