Општината Центар го распиша јавниот повик за доделување на средства за реконструкција на фасади на зградите

Заинтересирани сопственици на заеднички делови на станбени згради управувани од управител на станбени згради или заедница на сопственици од подрачјето на Општина Центар може да се пријават за реконструкција на фасадите на нивните објекти.

Општината Центар го распиша јавниот повик според кој ќе доделува пари за таа намена. Проектот ќе биде поддржан со финансиски средства од буџетот на Општина Центар, Програма ГДО, во висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада на станбената зграда, но не повеќе од 1.000.000 денари за секоја одобрена апликација, поднесена од заедница на станари или од мнозинство сопственици на посебни делови од станбената зграда апликантот.

Во јавниот повик стои дека реконструкцијата опфаќа обновување на постојната фасада со нова термичка (енергетски ефикасна).

Пријавувањето на заинтересираните сопственици на заедничките делови на колективните станбени згради ќе се одвива во неколку фази: информирање на заинтересираните сопственици на станови преку интернет-страницата на Општина Центар и печатените медиуми, прием и прегледување на пријавите и конечен избор на колективните станбени згради со кои Општина Центар понатаму ќе контактира и соработува.

Јавниот повик ќе се реализира со селекција што ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Предуслов за добивање финансиски средства е да се обезбеди правосилно решение за реконструкција на фасада во огласност со законските прописи. Воедно,потребно е зградата да е постара од 25 години, сопствениците на станови да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбената зграда, да нема протекување од кровниот покривач, да не се изведуваат градежни активности на зградата во текот на процесот на аплицирање (на надворешната површина, носивната конструкција и друго.), сопствениците на станови да одобруваат анкетирање, енергетски контроли и промотивни активности на нивната зграда, најмалку 70 % од сопствениците на станови сами да ги заменат индивидуалните балконски врати и прозорци,но и прозорците и надворешните врати од заедничките простории (прозорци од скалишни јадра, подрумски простории, комуникации, сушалници и пералници и други простории што се во сопственост на заедницата на сопственици на станови).

Пријавите и целата документација може да се доставуваат од 26.02.2024 година најдоцна до 01.11.2024 година.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial