Ред се чека за вакцина против голема кашлица во поликлиниката „Идадија“ во центарот на Скопје, пет дена откако Комисијата за заразни болести препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје и невакцинираните деца да не се примаат во градинка.
„Од утрово вакциниравме 56 деца со вакцина ДиТеПер. Во петокот сме имале 67. Претходно вакциниравме просечно по 20 деца дневно, што кажува дека интересот е тројно зголемен“, изјави д-р Сирма Кировска од вакциналниот пункт во „Идадија“.
ДиТеПер е комбинирана вакцина која штити од бактерии предизвикувачи на три различни болести – дифтерија, тетанус и пертусис (голема кашлица). Вакцина и ревакцина се става на 2,4,6 и 18 месеци и на 7 години.
Во скопските вакцинални пунктови се вакцинираат и бебиња до една година, но и поголеми деца од три и повеќе години, кои не биле вакцинирани според редовниот календар на имунизација. Д-р Кировска вели дека главно, станува збор за претшколски деца.