Градежнички проект околу Солун ќе прави големи гужви по патиштата

Како што објави порталот Грчка инфо, во тек се крупни градежнички работи во рамки на проектот „Flyover“ кој се изведува на обиколницата околу Солун, а според порталот, ќе траат околу четири години, а можеби и подолго.

„Гужвите на обиколницата веќе започнаа, па можно е на летните туристи да им е потребно малку повеќе трпение на овој дел од патот, особено на оние кои ќе летуваат на Халкидики, но и на другите кои планираат да го посетат Солун за време на нивниот одмор“, наведува порталот.

Од Грција инфо посочуваат дека за одреден период алтернатива на обиколницата, како и во минатото, ќе биде патот преку индустриската зона и центарот на градот, на улиците Игнација или Никис, покрај море.

„Многу туристи ни пишуваат дека досега на Халкидики патувале исклучиво низ центарот и веднаш покрај улицата покрај море, па веруваме дека тоа нема да биде голем проблем. Добрата вест е што улицата Игнација конечно е расчистена и на неа повеќе не се работи и сега сите коловозни ленти се слободни за возење. И на улицата Цимиски и авенијата Никис (која се протега покрај морето до плоштадот Аристотел и Белата кула), полицијата постојано дежура и им забранува на возачите да застанат за да се забрза сообраќајот“, додаваат оттаму.

Посочуваат и дека засега треба да се избегнува преминување на обиколницата во шпиц – наутро во периодот од 7 до 10:30 часот и попладне од 15 до 19 часот.

„Иако во моментов се гради само мал дел од патот, тоа не ги спречува огромните редици и застојот во сообраќајот кои предизвикуваат голема нервоза кај возачите. За околу четири години, со проектот „Flyover“ Солун ќе добие нов бесплатен автопат, кој ќе придонесе за решавање на проблемот со сообраќајот во градот. Сегашната солунска обиколница „Ring road“ е долга 31 километар“, пишува Грчка инфо.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial