Превозниците и туристичките агенции се пред нови проблеми

Превозниците и туристичките агенции се пред нови проблеми, откако не ги добија налепниците со новото име на државата, а дел од возачите сè уште ги немаат сменето патните исправи и возачките дозволи. Тие очекуваат државата да најде некакво решение како да се излезе од хаосот по 12 февруари кога престануваат да важат старите регистарски таблички, како и патните исправи и возачките дозволи. Од Министерството за внатрешни работи, кое треба да ги обезбеди налепниците, нема одговор кога ќе стигне набавката и кога налепниците ќе почнат да се дистрибуираат. Последната најава беше дека налепниците ќе стигнат денеска.

Превозниците кои инсистираа да се воведат налепници со новото име на државата наместо замена на регистарските таблички, која повлекува и замена на целокупната документација и лиценците за камионите, приколките и полуприколките, велат дека сега се пред нов предизвик како да ја надоместат штетата која ќе ја имаат по 12 февруари, бидејќи нема да можат да ги реализираат договорите за превоз на стока надвор од земјата, ако не ги добијат налепниците навреме.

– По 12 февруари превозниците ќе имаат проблем при излезот надвор од државата, што значи нови трошоци и загуби поради нереализираниот превоз. Иницираме одложување, но нема да го има. Како сега владата планира да го реши проблемот не знаеме. Чекаме да кажат дека може да ги подигнеме налепниците – велат од Здружението „Макамтранс“.

Доколку не се најде решение за проблемот превозниците велат дека ќе запре превозот на стоки кој се извршува главно со камиони.

– Што правеа до сега? Рекоа дека во јануари ќе има налепници за табличките, а уште ги нема. Едвај успеавме да им ги смениме пасошите и сообраќајните дозволи на возачите, а сега поради една налепница што може да се отпечати за 5 минути мораме да ги откажуваме договорите. знаете колку тоа ќе не чини? Не е само дека ќе го изгубам овој превоз, туку го губам и клиентот кој сега ќе побара друг превозник, можеби од странство, а јас ќе мора да барам нов. Не ни е доволно што имаме силна конкуренција од превозници од регионот и Европа, сега се расправаме со пасоши и налепници за регистарските таблички. Никој не помислува на нашата работа, само си тераат политика – вели револтиран сопственик на неколку камиони кој превезува стока надвор од земјава.

Туристичките агенции кои имаат и автобуски превоз веќе се организираат самите да ги печатат налепниците со новото име на државата за регистарските таблички на автобусите и да вработат нови возачи кои имаат патна исправа и возачка дозвола со новото име на државата. Но, за нивна несреќа на пазарот на труд во земјава нема доволно возачи на автобуси.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial