Граѓаните ќе плаќаат трипати поскапа струја

Според Здружението на инженери спорни се неколку стратешки енергетски инвестиции кои денеска по брза постапка пратениците треба да ги одобрат. Професорот и енергетски експерт Атанаско Тунески, кој е и член на ова здружение, за весникот ВЕЧЕР, вели  пратениците да не ги поддржат четирите предлог-закони оти загубите на Македонија ќе бидат огромни, над милијарда евра, а народот ќе плаќа трипати поскапа струја. Според него Македонија има капацитет самата да ги гради, во спротивно го губи и енергетскиот суверенитет. Предлагач на законите е министерот за економија Бектеши, а потписник првиот вицепремиер Артан Груби.

 

 

Штетни се договорите за изградба на нови централи каде што Владата ќе биде стратешки партнер со странските инвеститори. Револтирани од ваквиот однос, деновиве Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) достави допис и упати електронска порака до секој пратеник во Собранието поединечно, со кои бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог-закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски. Како што велат денеска на дневен ред на 140. собраниска седница се овие законски измени кои сериозно го нарушуваат енергетскиот суверенитет на државата. Потсетуваат дека законите се  усвоени ден пред формирањето на техничката влада

Професорот и енергетски експерт Атанаско Тунески, кој е дел од  Здружение на инженери, укажува дека на странскиот инвеститор ќе му се дадат милионски суми, а за возврат ќе плаќаме трипати поскапа струја. Најмногу забелешки има за договорот со грчки „Митилинеос“, кој треба да гради когенеративна електрана во Гази Баба, за што ќе добие 50 милиони евра државна помош, плус уреден плац вреден 20 милиони евра. Спорно за Здружението е што во согласност со договорот ЕСМ ќе биде обврзана да купува најмалку 85% од произведената електрична и топлинска енергија, по цени тројно повисоки од берзанските.

– Законот е скроен на наша штета. Цената на струјата е скапа, подобро е да купуваме на берза струја отколку од „Митилинеос“. Со договор сме обврзани дека мора да му ја платиме таа струја, по цена која е од 15% до 35%  поскапа од берзанската. Со овие високи цени, грчки „Митилинеос“ ќе има маржа од 50 милиони евра годишно, а ќарот за нив би бил над 40 милиони евра, вели за весникот ВЕЧЕР, Тунески и дополнува дека со договорот државата се обврзува на Митилинеос да му ги плаќа и давачките за емисија на јаглероден диоксид по 2030 година, кои чинат од 30 до 40 милиони евра.

Договорот ќе биде на сила 30 години, а по истекот инвеститорот не е обврзан да ѝ ја врати електраната на државата. Со вака скроен закон, милионски ќар ќе има само грчкиот инвеститор, сметаат од Здружението на инженери.

– За 30 години профитот на грчкиот инвеститор ќе биде огромен, односно ќарот ќе достигне над 1 милијарда евра, или точно 1,2 милијарди евра. Дури и да инвестира 100 милиони евра, таа 1 милијарда евра се македонски пари од народот, кои ќе влезат во џебот на странскиот инвеститор, реагира Тунески и дополнува дека оваа гасна когенеративна електрана ќе биде со електрична моќност од 165 мегавати и чини околу 180 милиони евра (според сегашните пазарни цени), а во предлог-законот е истакнат износ од 290 милиони евра.

Се обврзуваме со договорот на Митилинеос и да немаме потреба да му платиме за преземање на околу 1.000 мегават-часови електрична енергија и 275 мегават часови топлинска енергија. Со тоа Митилинеос, добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно без да има никаков ризик од одлуките на нашиот правен систем, бидејќи со предложениот Закон сите одлуки на Врховниот суд ќе бидат неважечки за „Митилинеос“, а штетите од неговото работење ќе мора да ги плати државата.

-Законот за јавни набавки не важи за „Митилинеос“ и во целост се исклучува влијанието на нашата судска власт и надлежност се дава само на Арбитражниот суд во Париз за било каков евентуален спор – реагираат од Здружението.

 

Слични се условите во законските решенија и за стратешкиот проект со АИМ Греен ТЕЦХ, за изградба на фотоволтаична централа и гасна електрана во Петровец, Могила, Неготино, Илинден, Гевгелија, и Кичево, договорот за изградба на Соларен парк во Штип и Свети Николе и соларна електрична централа во Пехчево.

Од Здружението  се на ставот дека државата има пари и капацитет да ги изгради сама овие објекти.

-Свесни сме и сигурни дека енергетските проекти можеме и мораме да ги реализираме со сопствени сили. Тие мораат да бидат наши македонски, со цел да се зајакне енергетскиот суверенитет на Македонија, како еден од клучните фактори за нејзиниот државен суверенитет. Договорите кои се составен дел од овие четири предлог-закони се штетни по нашата економија и ќе предизвикаат финансиски колапс на Македонија. Со многу помали ризици и со многу поекономичен приод тие проекти може нашата држава самостојно да ги реализира, им порачуваат од ИНРМ на пратениците.

Спорно е и тоа што Македонија, а не „Митилинеос“, по 2030 година ќе има обврска да плаќа околу 25 милиони евра годишно давачка за емисија на јаглероден диоксид – СО2. Како што велат од ИНРМ, постојат одлуки за кои последиците се краткорочни, но постојат и одлуки каде последиците се долготрајни и ги засегаат нашите поколенија.

Предлагач на законите е министерот за економија Бектеши, а пописник е првиот вицепремиер Артан Груби.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial