Граѓаните се чудат од високите сметки за струја, Министерот за економија ги упати во Регулаторна

Социјалните мрежи преполни со фотографии од сметки за струја. Граѓаните се чудат од високите суми. Без потрошена електрична енергија им стигнала фактура од 420 денари. Математиката е добиена со 0 денари за струја, 200 од новата давачка за пристап, 36 денари ДДВ и 184 за комунална такса за јавно осветлување. 

Ако потрошите струја за 6 денари, пак, сметката е уште повисока – ќе треба да платите 435 денари.

Дел од корисниците во првиот блок веќе се пожалија дека им стигнале безмалку двојно повисоки сметки. 

Министерот за економија нема конкретно објаснување, но ги повика сите што се сомневаат да се пожалат во регулаторна.

„Јас не верувам дека има зголемување на цените повеќе од тоа што се утврдени од РКЕ. Граѓаните секогаш имаат право на жалба и ги повкувам ако мислат дека има некоја грешка или злоупотреба да пријават и тоа да се среди веднаш“ – Крешник Бектеши, министер за економија

Бектеши со месеци наназад ги убедуваше корисниците од првите два блока дека ценовен шок нема да има, дури и дека ќе плаќаат поевтино. 

Пред воведувањето на новата давачка за пристап до мрежа, надлежните ветуваа дека погодени ќе бидат само газдите на пет стана и викендици оти струјата била луксуз во објектите кои не се користат секој ден.

Први реагираа станарите во станбените згради кои редовно си ги подмируваат сметките, а сега за пристап плаќаат неколкукратно – и за својот стан и за другите заеднички броила: за лифт, осветлување или пумпа за парно.

Во јануарските сметки оваа сума ќе ја нема, оти граѓаните веќе ја платија пред време, во декемвриските фактури.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial