Над девет илјади пензии преминале на повисоко ниво

Со владините мерки се поткрепени најкритичните случаи, а пензонерските протести се прелеаја во партиско-политичките препукувања. Ова е суштината на коментарите кои ги даваат одделни пензионери од различни здруженија, како одговор на прашањето – што го стивна незадоволството – зимата, празниците, антикризниот пакет… или можеби ја губат енергијата. Дополнети со зборовите, „кога човек оди во пензија сите го забораваат, прва државата“.

Сепак, велат, „доаѓаат нашите пет минути“, алудирајќи на претстојните избори и кампањата. Период во кој, според досегашното искуство, главните политички протагонисти настапуваат со полни торби ветувања наменети за најсигурниот и најсовесен дел од гласачкото тело. Се оградуваат од меѓупартиските препукувња, укажувајќи дека се многубројни пензионерите кои имаат егзистенцијални проблеми, кои на политичкиот простор се користат во ловот на гласови и поени.

Не ги заборавиле и не отстапуваат од барањата – линеарно зголемување од пет илјади за сите, утврдување минимална пензија во износ од 18 илјади денари, бесплатно здравство. Велат, повторно ќе се слушне нивниот глас. Но, сметаат, сега не е погоден момент за какви било активности, токму поради предизборието, во кое „ништо не се зема здраво за готово“.

Порталот „Пари“ ги анализираше последните податоци од Фондот за пензиското и инвалидско осигурување. Оттаму и согледувањето – егзистенцијалните проблеми за кои зборуваат, најмногу ги засегаат оние 86.424 пензионери – бројка од декември 2023, кои статистиката на ПИОМ ги води како корисници на најниски законски пензии. Нивниот распон е од 12.528 до 16.058 денари, зависно кога кој се пензионирал. Со тие пари живеат повеќе од една четвртина од сите пензионери во државата, чиј број во последниот месец од минатата година е 337.814.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial