Советот на Општина Ѓорче Петров на денешната седница изгласа неколку одлуки за изградба на објекти и за реализација на капитални проекти од големо значење за жителите на Ѓорче Петров. За изградба на градинка во Стопански двор се издвоени 60 милиони денари, 6 милиони денари за доградба на две нови училници во ОУ „Мирче Ацев“, за изградба и реконструкција на четири спортски игралишта се наменети 9 милиони денари и со 1,7 милиони денари ќе се прави првиот сензорен центар во градинката „Росица“.
Во однос на изградбата на новата градинка, градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека граѓаните на Ѓорче Петров се соочуваа со реален проблем во однос на запишувањето на дечињата во детските градинки низ општината.
Со отварањето на новата детска градинка „Сонце“ надминавме дел од проблемите и згриживме голем број на дечиња, но потребни се и нови капацитети. За таа цел, отпочнуваме со изградба на новата детска градинка во Стопански Двор, којашто ќе има капацитет да прими околу 120 дечиња и ќе ги има сите услови кои што се потребни за пријатен престој на најмладите наши жители во градинката. Наша интенција останува изградбата на нови детски градинки насекаде во нашата населба каде што ќе имаме можност тоа да го реализираме, се со цел овој проблем да биде надминат во целост – вели Стојкоски.