Audi Q8 e-Tron – Еdition Dakar

Господарот на прстените со специјалното издание на Q8 e-Tron, наречено Edition Dakar, ја крева границата на повисоко ниво и влезе во оваа игра со електричен погон. Како што му кажува името, базиран е на Q8 e-Tron 55, кој испорачува 408 КС, спринта од 0 до стотка за 5,9 секунди и достигнува максимални 200 км/ч.

Во оптимистичкиот WLTP циклус има автономија до 450 километри, но доколку сакате да ги почувствувате вистинските квалитети, ќе морате почесто да се вклучувате на полначот. Во однос на донаторот кај Edition Dakar направени се дизајнерски и технички дотерувања.

Сега изгледот делува помалку брутален, токму како и условите на пространствата по кои се одвива релито Дакар. Она што не се гледа се техничките дотерувања. Променети се 70 делови од подвозјето за каросеријата да биде повисока за 6,5 сантиметри. Траповите се растегнати за 5,7 сантиметри и се проширија лаците на тркалата.

Во основната поставка, возилото нуди растојание од подлогата од 220 милиметри. При брзина над 85 км/ч теренецот постепено се спушта за 15 милиметри. Како се зголемува брзината растојанието од тлото се намалува за  дополнителни 17 милиметри над 100 за уште 13 мм кога се движите побрзо од 120 км/ч.

Со ова се подобрува стабилноста, аеродинамиката и опсегот. За да ја оправда специјалната серија Audi ја дополни со теренски манири. Во комбинација со предниот агол на пристап од 21 степен и аголот на задниот од 28 степени, електричниот теренец е погоден за употреба на лесен терен. Алгоритамот на работењето на воздушното потпирање е прилагоден на типичните барања за надвор од асфалтот.

Тоа е подржано од разните однапред дефинирани електронски програми за возење кои го приспособуваат на разните подлоги. На нив е додаден новиот теренски режим на возење способен да одговори на екстремни ситуации.

Стандардна е покривната корпа која може да се оптерети со 40 килограми и опремена е со торбичка и ремени со кои се зацврстува товарот. Во внатрешноста понуден е амбиентот познат од опременоста S-Line. Додадени се специјални патосници и влошки од нерѓосувачки челик на педалите.

Нов е и дисплејот во оперативниот систем MMI кој дава информации за аголот на наклон на возилото. На екранот, Audi нуди слики во позадина генерирани специјално за ова издание. Духот на возилото овде се манифестира во три претстави, од бура со грмотевици во пустината до траги од гуми и пејзаж од дини.

Покрај тренската ориентација  Edition Dakar е опремен со сите асистенти за возењето во град и автопат. Цената на чинење на Q8 e-Tron Edition Dakar е околу 120.000 евра, 30.000 евра повеќе од стандардниот Q8 e-Tron 55. Audi од него ќе произведе само 1.000 примероци, а од нив ќе има 99 единици наречени Edition 99 кои ќе чинат дополнителни 10.000 евра.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial