Срамен буџет за Македонија како туристичка дестинација…

поред директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АТТП), Љупчо Јаневски, како Агенција, од државата за идната 2024 година побарале повеќе средства за промоцијата на туризмот на нашата земја. – Баравме вкупно 218 милиони денари, сме добиле 100 милиони за 2024 година, кога ќе ги извадиме субвенциите за комплетно работење на институцијата – се 38 милиони, но за промоции и поддршка, кога ќе ги извадиме сите тие ставки за трошоци, остануваат 8,3 милиони денари – вели Јаневски, дополнувајќи дека туризмот во моментов бележи најголем раст во споредба со другите економски ресори. Тој потсети дека туристичкиот промет во земјава во првите три квартали од оваа година бележи раст од 25 проценти, со тоа што придонесува со 471,59 милиони долари прилив во БДП-то на земјава за 2023 година

 

Предлог-буџетот на Владата за 2024 година во делот за туризмот е несоодветен и многу помал, смета директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АТТП), Љупчо Јаневски и нагласува дека, како Агенција, побарале повеќе средства за промоцијата на туризмот на нашата земја. Тој потсети дека туристичкиот промет во земјава во првите три квартали од оваа година бележи раст од 25 проценти, со тоа што придонесува со 471,59 милиони долари прилив во БДП-то на земјава за 2023 година.

Јаневски ја потенцира потребата овој сектор да биде приоритетен, како и големата потреба на формирање министерство за туризам и спорт, бидејќи овој сектор солидно придонесува во буџетот на државата и има голем потенцијал за многу поголем раст.

– Баравме вкупно 218 милиони денари, сме добиле 100 милиони за 2024 година, кога ќе ги извадиме субвенциите за комплетно работење на институцијата – се 38 милиони, но за промоции и поддршка, кога ќе ги извадиме сите тие ставки за трошоци, остануваат 8,3 милиони денари – појасни Јаневски, кој информираше дека за 2023 година имале 20 милиони денари за работа, кои, исто така, биле малку, што со сегашното намалување на 8,3 милиони е многу помалку.

Поради значително намалениот буџет, Јаневски потенцираше дека нема да можат да присуствуваат на поголем број саемски манифестации. Тој кажа дека ќе бидат дел од манифестации што ќе се одржат во Мадрид и во Берлин, но по 10 години, нема да можат да учествуваат на саемите во Истанбул и во Белград. Според него, токму овие саеми се најдобрите туристички пазари од каде што доаѓаат најголем број посетители во земјава.

– Се поставува прашањето на туристичката дипломатија: „Каде се рамките на отворениот Балкан и каде сме ние како држава?“ Ние немаме инвестиции и немаме структура, затоа што немаме министерство што ќе се грижи за една од најпрофитабилните, најбрзорастечки економски гранки, а веќе е област во светски рамки, што влијае на повеќе од 20 економски гранки – подвлече Јаневски.

Според податоците на Светската туристичка организација, генерално, во туристичкиот сектор во земјава се вработени околу 35 илјади луѓе, што е околу 5 проценти од сите вработени во Македонија.

– Ако во 2011 година сме имале 0,4 проценти БДП од туризмот, во 2018 година блиску 2 проценти, 2023 година ќе ја завршиме со четири проценти. Која економска гранка и која економија според вложени средства и според вратени средства бележи толкав раст? – нагласи директорот Јаневски.

Според него, Владата треба да му даде многу поголем приоритет на туризмот и да го постави на многу повисоко ниво.

– Ако се формира министерството, ќе биде рамноправно со другите министерства – вели Јаневски, дополнувајќи дека туризмот во наредните пет-десет години ќе биде еден од столбовите на македонската економија.

Јаневски потсети дека и годинава најголем раст се забележува кај  туристите што доаѓаат од Турција и од Србија. Така, за првите 10 месеци, земјава ја посетиле 176.059 туристи од Турција и 63.291 туристи од Србија. Има забележителен раст и кај туристите што доаѓаат од Германија, Грција, Хрватска и од Романија. И годинава, најпосетени градови се Скопје, со раст на бројот на туристи од 5 проценти и Охрид со раст од 7 проценти во споредба со 2019 година.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial