Психолозите одамна предупредуваат на високиот степен на нетрпеливост и агресија меѓу учениците

Малолетник пријавил дека добивал закани од соучениците, дете претепало друго дете во основно училиште во Охрид, малолетник се однесувал насилно кон своите соученици па родителот заработи прекршочна пријава за запоставување на својата должност за грижа и воспитување.

Вака изгледаат полициските билтени последниве неколку недели во Охрид. Охридската полиција алармира за се позачестено врсничко насилство во училишните клупи.

Психолозите одамна предупредуваат на високиот степен на нетрпеливост и агресија меѓу учениците. Голем е бројот и на непријавени случаи и тоа е она што особено загрижува. Врсничкото насилство низ охридските училишта го има во сите форми, психолошко преку омаловажување и постмев, физичко со тепање и удирање, но и сајбер насилство исмејување во пораки или групи на социјалните мрежи.

Според психолозите и социолозите булингот е најприсутен кај адолесцентите, а најчеста жртва се повлечените и срамежливи деца. Жртвите на врсничко насилство обично патат од чувство на страв, срам и фрустрации кои им прават да се чувствуваат беспомошно, незаштитено и осамено.

За идниот период од Свр Охрид најавуваат поголема кородинација со надлежните институции се со цел превенирање и сузбивање на насилството и да им се објасни на децата дека иако се малолетни сепак подлежат на санкции.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial