Уште една убава приказна за мал и вистински борец доаѓа од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. По 77 дена на одделението за интензивна нега и терапија, малиот Едон си замина дома. Тој помина повеќе од два месеци на интензивна нега, но со добар исход, замина дома во добра општа состојба и со уреден наод на виталните функции, информираат од Клиниката.
Едон е роден во 27-та гестациска недела со тежина од само 940 грама, а го испративме со телесна тежина од 2110 грама. На Едон му посакуваме многу здравје, радосно детство и среќа.
На неговите родители им благодариме за трпението и за соработката во периодот на заедничката борба во која најголема заслуга има малиот борец Едон, велат од ГАК.