Во очекување Пендаровски да каже дали ќе го потпише законот за солидарен данок

Од кабинетот на Пендаровски велат дека кога ќе се врати во земјава ќе го каже својот став.

Но роковите газат. Според текстот на законот за данокот за солидарност, понеделник е крајниот рок кога сите фирми веќе треба да поднесат даночен биланс за оданочување до Управата за јавни приходи, а 25ти октомври е крајниот рок за оваа давачка да биде платена.

Коморите пак веќе најавија дека овој закон ќе го оспорат пред Уставниот суд. Но прво ќе го почекаат претседателот, па ќе делуваат кога законот и официјално ќе излезе во Службен весник. Се уште не знае дали секоја комора посебно ќе поднесе иницијатива или пак сите заедно.

Според нив на овој начин се казнуваат успешните компании, законот носи несигурност кај компаниите и идните инвеститори, а не претставува никакво усогласување со европските регулативи.

Министерот Бектеши пак смета дека законот е добар, но сепак надлежните ќе ја почитуваат одлуката на Судот.

„Треба да одат во Уставен суд и во другите надлежни институции. Затоа сме држава и сме ги граделе овие институции. И највисоката инстанца, како Управниот суд или други надлежни институции, ако донесе спротивна одлука на таа што ја донеле пратениците, секако дека ние имаме обврска да ја почитуваме. Но, ние сметаме дека тоа законско решение предложено од Владата и усвоено од парламентраното мнозинство, е во склоп со законските одредби во државата.“ Крешник Бектеши, министер за економија

Очекувањата се дека околу 200 компании ќе бидат опфатени, кои имале промет над 10 милиони евра, а добивката им била зголемена за 20% во однос на просекот од последните три години. Тие ќе треба да платат еднократен данок од 30%.

За потпис кај Пендаровски чекаат и другите закони од даночната реформа, како измените во данокот на добвика, но и измените во ДДВ-то со кои данокот на одредени прехранбени производи од 5 се зголемува на 10%. Кои ќе бидат тие производи се уште не се знае. Додека се чека листата, во меѓувреме власта се бори да ги намали цените на основните производи. До 30ти октомври е мерката со која цените на околу 250 артикли се замрзнати, односно намалени за најмалку 10%. А, од наредната недела такdанаречена „гарантирана цена“ ќе имаат и алкохолните и безалкохолни пијалоци.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial