Градоначалниците на Кисела Вода, Куманово и Гази Баба денеска потпишаа меморандум за соработка за превенција и спротивставување на насилниот екстремизам и радикализација со невладините „Отворена порта” и „Хуманост”. Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски рече дека со тоа го означуваме почетокот на една важна и неопходна иницијатива – борбата против насилниот екстремизам.
– На сите нас ни е добро познато дека опасностите од насилниот екстремизам се реални и сериозни. Насилниот екстремизам не само што ги уништува животите на луѓето, туку и директно влијае врз стабилноста и хармонијата во нашите заедници. И нашиот регион, како и многу други, не е поштеден од можна закана од насилен екстремизам. Тој претставува сериозна опасност за нашето општество носејќи со себе деструктивни последици, вклучувајќи го земањето на невини животи, дестабилизација на институциите и креирање на социјални нереди. Тој го уништува квалитетот на живеење денес и создава несигурна иднина за нас и за сите следни генерации – потенцираше Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека соработката помеѓу локалната самоуправа и граѓанскиот сектор е суштинска, бидејќи таа овозможува да се засилиме способноста на општините за превентивни акции и да го намали влијанието на екстремистичките групи.
– Превентивните мерки што може да се преземат вклучуваат образование, едукција и подигнување на свеста кај младите; поддршка на загрозени групи и млади лица, создавање на заедница каде инклузивноста и дијалогот помеѓу различните култури и верски заедници ќе бидат од висока важност. Ќе ги стимулираме областите каде што може да се реализира ефективна превенција и реакција на потенцијални случаи на насилен екстремизам. Исто така, ќе имаме механизми за размена на информации и најдобри практики – истaкна Ѓорѓиевски.