Миленкоски: Бараме трајно решение за Вардар, апел да се „вклучат“ големите компании и Град Скопје

На прес-конференцијата на ФК Вардар, зборуваше и Милорад Миленковски, член на навивачката група „Комити“, која од пред извесно време го презема комплетното сопственишто врз скопската гордост. 

Миленковски изјави дека продолжува институционалната битка и се надева дека Вардар ќе добие помош со неколку трајни решенија кои ќе бидат од големо значење на долг рок. 

„Завршени се сите процедури. „Комити“ се 100% сопственици на ФК Вардар. Тоа не значи дека ние имаме амбиции да го водиме клубот или да фигурираме како сопственици. Нашата борба се состои во изнаоѓање адекватно решение за ФК Вардар. 

Институционалната битка продолжува, а ние бараме трајно решение кое ќе помогне на долги рокови. Бараме Вардар да биде ставен во статутот на Град Скопје и на скопските општини. Истовремено, праќаме и апел до големите компании кои би сакале да инвестираат во клубот и да станат дел од еден проширен Управен одбор кој би функционирал без пречки и проблеми“, изјави Миленковски. 

Навивачката група „Комити“ со сите сили се бори за стабилизација на скопската гордост и веќе успеаја да го привлечат вниманието на повеќе субјекти кои би можеле да му помогнат на Вардар. Нивната акција за купување сезонски билети беше одлична, а воедно се обидуваат на сите можни начини да пронајдат решение за долговите на клубот, како и пронаоѓање стабилни спонзори кои во иднина би го поддржувале ФК Вардар. 

 

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial