Републичкото јавно обвинителство испрати јавна реакција по повод одговорот на текстот на ИРЛ во којшто тие повторно тврдат дека ИРЛ лаже и дека германското вештачење било земено предвид на судењето во Тетово. Ова е втор напад кон новинарите на ИРЛ и нови лаги коишто ги дистрибуира оваа институција до медиумите. Недоличен е начинот на којшто Љубомир Јовески, шефот на оваа институција чијашто работа е и предмет на ова истражување да ја злоупотребува институцијата за лични пресметки со новинарите.
„Во текот на главната расправа, одбраната даде предлог, покрај писменото вештачење, лично да се сослуша и вештото лице од Германија кое го изготвило писмениот наод – доказ во постапката. По тој предлог на обвинетите се произнел и јавниот обвинител“, пишува во соопштението на ОЈО.
„Вештачењето на германските експерти беше изготвено по замолница од Јавното обвинителство, кое го предложи и го изведе како писмен доказ. Потврда за ова се и завршните зборови на јавниот обвинител во кои тој својот случај го темели и на ова вештачење во корелација со сите други прибавени докази во постапката“, пишува во соопштението на ОЈО.
Републичкото јавно обвинителство посочува дека јавниот обвинител се произнел пред Судот, а на барање на одбраната да се испитуваат германските вештаци. Обвинителството пропушта да посочи дека надлежниот обвинител самиот барал во Судот да не се канат овие вештаци бидејќи за конкретниот случај, според самите зборови на обвинителот, ова вештачење е беспредметно за оваа постапка. За ова постои и записник и аудио од судењето каде што се снимаат сите рочишта.
Недолично и нечесно е институцијата која треба да демонстрира одговорност кон жртвите и да обезбеди правда за граѓаните да манипулира со фактите и неосновано да ги напаѓа новинарите. На овој линк граѓаните можат самите да ја го чујат тонскиот запис од судницата бидејќи истиот прецизно го демантира обвинителството.
„Доколку кај новинарите на ИРЛ постои макар и најмал интерес да објават вистина за постапувањето на Јавното обвинителство во овој процес, тимот на јавни обвинители кои работеа на предметот и претходно им стоеше, а и сега им стои на располагање за разјаснување на сите правни прашања или дилеми за текот на кривичната постапка“, пишуваат од ОЈО.