Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши изјави дека и неговата, и партиите на Касами и Меџити, Движењето Беса и Демократското движење, бараат утре на собраниската седница посветена на уставни измени со цел внесување на бугарската заедница, да бидат ставени во дневниот ред и уставни измени за бришење на одредницата „20 проценти“ која ја ограничува, рече, употребата на албанскиот јазик како официјален во земјата,.
„Денес сме тука за да испратиме наши нарачки до Џафери и пратениците. Бараме од претседателот на Собранието итно да го стави на дневен ред уставниот амандман за јазикот. Бараме од него да не бега од прашањето за рамноправност на албанскиот јазик и да не бега од прашањето за кривична одговорност на државните функционери. Нашето барање делата на корумпираните функционери да не застаруваат, а на тој начин ќе се избегнат и манипулациите со обвинителствата и судовите“; рече Гаши и нагласи дека ги повикуваат сите пратеници безрезервно да гласаат за сите уставни измени.
Ако нема 80 гласови за уставни измени, рекоа Гаши, Касами и Меџити, тоа ќе значи дека треба да се оди на избори.
„Доколку утре нема потребно мнозинство за да се изгласа првата фаза од уставните измени, повикуваме да се гласа за распуштање на Собранието и да се распишат предвремени избори со цел друг парламентарен состав, со војла на народот и нова политичка волја, да ги поведе интегративните процеси кон Европската Унија“, рекоа опозициските лидери.