Инфективната клиника синоќа информираше дека завчера пристигнал лекот кој е единствен на располагање во тешки клинички форми на конго-кримската хеморагична треска. Со реакција се јави опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Од Владата на СДС и ДУИ граѓаните трпат само штети. Почина пациентка од треска што ја пренесуваат крлежи, на вработената од Инфективна ѝ се влошува состојбата. Здравствените власти се само политички циркузанти. Здравствените власти без одговори. А треба многу одговори“, почнува партиското соопштение.
Докторката Добринка Наунова-Јовановска од ЈЗУ УК за инфективни болести синоќа рече дека заразената болничарка е во стабилна состојба. „Параметрите се следат континуирано да не дојде до некое влошување, ја следиме постојано“, рече таа.
Болничарката се зарази од 27-годишната жена од Штипско, која почина на 30 јули по убод од крлеж.
„Дали е точно дека директорката е на одмор и ако е точно каков е тој директор што кога вакво нешто се случува не го прекинува одморот? Каде е министерот за здравство да излезе во јавност или и тој е на одмор? Реагирала ли Комисијата за интрахоспитални инфекции и што е преземено од нивен аспект?
Кога веќе зборуваат за етика, најпрво да одговорат дали во работата со вакви пациенти се инволвира доволно обучен персонал, дали ова е етички и кој ќе одговара за тоа?
Очигледна и типична, а богами и заразна е неодговорноста на одговорните по функција, ама не и во пракса, од директор до министер. Само неодговорност, затоа избори и крај на оваа неодговорност!“, завршува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
По првиот случај со конго-кримската хеморагична треска, Државниот здравствен и санитарен инспекторат издаде решенија за надзор за 29 контакти. По вториот случај, издадени се решенија за уште 11 контакти.