СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ да застане зад Манифестот и на дело да покаже дека се за ЕУ

СДСМ целосно застанува зад Манифестот на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ.

Партијата е децидна дека Манифестот е во рамките на црвените линии и заклучоците по европскиот предлог што ги усвои парламентарното мнозинство во Собранието и со него сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните.

 

Од партијата на власт бараат и ВМРО-ДПМНЕ да застане позади документот.

Ова е прилика и други политички партии, а пред се ДПМНЕ да се приклучи кон Манифестот и со тоа на дело да покаже и докаже дека навистина е за ЕУ. Можностите за Христијан Мицкоски да се приклучи на европскиот блок стануваат се поретки и ако тој не ја искористи оваа шанса ќе покаже дека сето она што го говори за европската иднина е само обично блефирање пред јавноста, стои во партиското соопштение од „Бихаќка“.

Од партијата на Христијан Мицкоски вчера порачаа дека се уште не го добиле Манифестот. Најавуваат дека откако ќе го добијат, доколку има нешто суштинско за разгледување, органите на партијата ќе го разгледаат и ќе се изјаснат.

Позади Манифестот застанаа сите 12 партии кои се дел од владеачкото мнозинство.
Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial