Ова лето овошје се јаде само два пати неделно, на шега велат граѓаните револтирани од високите цени на пазарите и во маркетите.
За разлика од минатото лето, оваа сезона овошјето „држи“ цена, па така за една помала диња од над 2 килограми ќе мора да платите над 200 денари. Ако претходните години, лубеницата се продаваше по 15 денари за килограм, оваа достигнува и до 40 денари. Не се евтини ниту праските, лубеницата, црешите…
И податоците на државниот завод за статистика покажаа дека за една година, односно од јули лани, до јули годинава, храната поскапела за 12%. Најголем пораст има кај зеленчукот од 21,5%, кај овошјето од 17,7%.
– Ако традиционално секое лето купувавме лубеница, диња и не ја гледавме цената, бидеќи беа евтини сега за едно динче од кое нема да се најде цело семејство треба да платиме околу 200 денари. Килограм праски, тоа се околу 4 поголеми праски, чинат над 60 денари, се жали скопјанка.
Слични се цените и за кајсиите, над 100 денари за килограм, зависно од местото и квалитетот каде купувате. Сливите чинат над 50 денари за килограм.
Она што е познато е дека во септември и низа други производи ќе добијат повисоки цени, бидејќи со законските измени ДДВ-то на одредени продукти ќе се зголеми двојно, од 5 на 10%. Од Владата веќе најавија дека тоа ќе важи за тропското овошје, во кое спаѓаат ананас, манго, папаја, кокос…