Османи: Ноември не е крајниот рок за уставните промени, туку..

Реалниот краен рок за изгласувањето на уставните измени е последниот ден од мандатот на Собранието, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи, а претходните тврдења дека краен рок е ноември годинава била првична цел на Владата. Тој е оптимист дека уставните измени ќе бидат донесени.

– Јас сум оптимист дека ќе биде. Се разбира првична цел ни е до ноември, бидејќи тогаш има еден административен календар заради скринингот, меѓутоа реалниот рок е последниот ден односно мандатот на овој парламент, значи до наредните избори. И до последниот ден ние ќе работиме да обезбедиме поддршка, сметајќи дека нема аргументи против. Мислам дека оваа прва битка ние ја добивме. Како предлагачи ја добивме затоа што не видовме отпор од експерстката јавност, од која било јавност во однос на содржината на уставните измени. Да излезе некој и да каже чекајте ова е опасно поради тоа што икс, ипсилон работи ќе се случат – рече Османи во интервју за „Сител“.

Тој додава дека нема аргументи против уставните измени и дека ВМРО-ДПМНЕ со актуелната позиција протов уставните измени калкулира за наредните избори, а реално знаат дека уставните измени се добри. Тој негираше со оставките на министрите на ДУИ прават калкулации за изборите.

 

За тоа дали потребата за носење на уставните измени ќе биде донесена на седницата што ќе започне на 18 август, Османи рече дека тоа е одлука на претседателот на Парламентот.

– Сепак се е во рацете на спикерот и тој ќе одлучи врз основа на Деловникот и координациите што ги прави со пратеничките групи. Тој кажа дека откако ќе се исцрпи расправата ќе почека за гласање со цел да се разговара со политичките партии – рече Османи.

Во изминатиов период министерот повеќе пати повтори дека ноември е рок до кога би требало да се изгласаат уставните измени за внес на Бугарите, затоа што откако ќе заврши скринингот во Брисел, треба да почне следната фаза од преговорите за членство на Македонија во ЕУ, односно отварањето на поглавјата. Според францускиот предлог, за да ги отвори поглавјата Македонија мора прво да ги внесе Бугарите во Уставот за да ги гарантира нивните права, а Османи предупредуваше дека во спротивно Албанија ќе ги отвори поглавјата и ќе се издвои напред во процесот, а нашата држава ќе заостане.

Wordpress Social Share Plugin powered by Ultimatelysocial