Крстевски петта година по ред ќе го носи сино-белиот дрес, а „металците“ од него очекуваат да биде лидер на теренот и надвор од него како еден од најискусните во составот. Пред Робев, пак, е третата сезона во Аеродром, во која од него ќе се очекува максимално да ја искористи минутажата и да се наметне како еден од носителите на играта на актуелниот шампион. Младеновски вторпат се враќа во тимот од „Јане Сандански“ каде што настапуваше во периодот помеѓу 2013 и 2017 година, а потоа и во сезоната 2018/19 и во сите пет сезони дојде до шампионскиот трофеј. Изминативе две години играше за Пелистер, а претходно во два наврати настапуваше за Работнички, а една сезона мина во словенечкиот тим Илирија.
Македонската репрезентативна тројка го заокружи ростерот од 12 кошаркари на кои ќе смета тренерот Васко Атанасов, меѓу кои се уште браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Андоновски, Марин Петков, Марко Миловановиќ, Србинот Душан Танасковиќ, Хрватот Марко Баковиќ и Американците Седрик Расел и Ејасу Ворку.