Донесен е новиот правилник за ставање лекови на позитивната листа и после 13 години ќе се ревидираат лековите на товар на Фондот за здравствено осигурување, најави министерот за здравство Фатмир Меџити кој рече дека веќе е формирана и стручна комисија. Министерот посочи дека нема временски период до кога треба да биде ажурирана листата, бидејќи тоа ќе се случува етапно.
„Не можеме да кажеме точен тајминг, работите ќе се одвиваат спонтано. Откако ќе аплицират фармацевтските компании, нивните апликации ќе бидат разгледани и спонтано ќе се ажурира позитивната листа на лекови“
рече Меџити.
Меѓу критериумите се и етичките аспекти за употреба на лекот кои се однесуваат на посебни ранливи групи на пациенти како лица до 18 години, жени кои планираат семејство, породување и мајчинство. Комисијата која ќе ги разгледува апликациите од фармацевстките компании ќе се состанува и по два пати месечно, а потоа ќе достави предлог до министерот и Фондот за здравство, кој ја носи конечената одлука.
Комисијата е составена од експерти, односно претставници од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и медицински средства, Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија, како и од универзитетските клиники, кои се доктори-специјалисти од различни области на медицината и фармацијата.