Македонското слово како мост меѓу културите беше една од темите на дискусијата во рамки на 59. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, што во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржува во Охрид.
На Семинарот учествува и директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, Зоран Пејковски, кој се осврна на значењето на македонистиката и потребата од нејзино понатамошно развивање и афирмација во меѓународните академски и културни средини.
Тој ја претстави работата на бугарскиот писател, издавач и преведувач, Пламен Тотев и на поетесата и преведувач, Наталија Димитрова-Недјалкова.
Тотев со својата долгогодишна издавачка и преведувачка дејност придонесува за претставувањето на македонската литература пред бугарската читателска публика. Неговото издавачко портфолио опфаќа повеќе од 80 книги од македонски автори преведени на бугарски јазик.
Димитрова-Недјалкова, како поетеса и преведувач, исто така придонесува за развојот на книжевните и културните врски меѓу двете средини.
Во разговорите било истакнато значењето на преводот, издаваштвото и непосредните контакти меѓу авторите, преведувачите, научниците и културните работници за создавање нови можности за соработка и поширока меѓународна афирмација на македонската литература и култура.
Пејковски на средбата со министерката за образование и наука Весна Јаневска ја претстави и работата на Македонскиот КИЦ во Софија, насочена кон промоција на македонското творештво и создавање културни и академски врски.