Репрезентативците се собраа, Димитријевиќ со јасна порака: Ќе дадам сè од себе за да стигнеме до ЕП

Машката сениорска репрезентација на Македонија ги започна подготовките за предизвикот Австрија, меч од од втората претквалификациска фаза за Европското првенство.

Средбата со Австријците е закажана за 30 август во Виена, а нашиот национален тим за овој натпревар ќе биде сериозно засилен со повратникот во националниот тим Ненад Димитријевиќ како и со центарот Мозес Рајт.

Димитријевиќ знае дека Австрија има свои квалитети, но верува дека можеме да дојдеме до позитивен резултат.

За селекцијата на Австрија знаеме дека е сериозна екипа која игра ‘ран ен ган’ кошарка. Мислам дека е незгоден ривал, но имаме осум до девет дена да се спремиме заедно за мечот и да одиме во Виена на таа посакувана победа.

Наша цел е настап на следното Европско првенство, за мене тоа ќе биде последна шанса да играм на еден евро-шампионат со Македонија и ќе дадам сè од себе да го оствариме тоа, -вели Нено.

Плејмејкерот очекува добра соработка со Рајт.

-Претходно под кошевите Итан Хап го имавме како сериозен и квалитетен играч, но несреќа беше неговата повреда, тоа ни беше хендикеп во претходните квалификации со Естонија. Сега го добиваме Мозес Рајт, преквалитетен играч. Се надевам дека ќе бидеме добар тандем и со останатите играчи ќе дојдеме до успех, –порача Димитријевиќ.