Скопје под чад од Жеден и Китка – Жеден ставен под контрола

Скопје вчера попладне и во вечерните часови беше прекриено со густ чад и мирис на гареж, донесен од пожарите што горат во пошироката околина на градот. По хеликоптерско извидување беше потврдено дека значаен дел од чадот доаѓал од пожарот на Жеден, во атарот на селото Бојане, додека Центарот за управување со кризи претходно информираше дека воздушните струења кон Скопската котлина носат чад и од пожарот на Китка, на подрачјето на Студеничани и Зелениково.

Сликата над градот беше вознемирувачка, но надлежните во текот на денот нагласија дека нема пријавен пожар на Водно. Видливоста беше намалена токму поради чадот што ветерот го пренесува од околните жаришта, а различните воздушни струења придонесоа во различни делови од Скопје мирисот на гареж да се чувствува со различен интензитет.

Жеден под контрола по тешка интервенција
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов во текот на попладнето, по извидувањето од воздух информираше дека пожарот на Жеден се движел од тетовската кон скопската страна и дека се развивал на тешко пристапен терен. Во интервенцијата биле вклучени тетовски пожарникари како поддршка на скопските екипи.

Во вечерните часови пристигна и поволна информација. Пожарот на Жеден, кој неколку дена беше активен и навлезе во атарот над Бојане е ставен под целосна контрола. Командирот на тетовската противпожарна единица Авни Амети изјави дека биле изгаснати околу 90% од зафатените површини, а пожарникарите успеале да спречат огнот да навлезе во шума, лозја и овоштарници. Со локализирањето на овој пожар се очекува да се намалува и количеството чад што од Жеден се движеше кон Скопје.