Машката сениорска репрезентација на Македонија ги започна подготовките за предизвикот Австрија, меч од од втората претквалификациска фаза за Европското првенство.
Средбата со Австријците е закажана за 30 август во Виена, а нашиот национален тим за овој натпревар ќе биде сериозно засилен со повратникот во националниот тим Ненад Димитријевиќ како и со центарот Мозес Рајт.
Димитријевиќ знае дека Австрија има свои квалитети, но верува дека можеме да дојдеме до позитивен резултат.
–За селекцијата на Австрија знаеме дека е сериозна екипа која игра ‘ран ен ган’ кошарка. Мислам дека е незгоден ривал, но имаме осум до девет дена да се спремиме заедно за мечот и да одиме во Виена на таа посакувана победа.
–Наша цел е настап на следното Европско првенство, за мене тоа ќе биде последна шанса да играм на еден евро-шампионат со Македонија и ќе дадам сè од себе да го оствариме тоа, -вели Нено.
Плејмејкерот очекува добра соработка со Рајт.
-Претходно под кошевите Итан Хап го имавме како сериозен и квалитетен играч, но несреќа беше неговата повреда, тоа ни беше хендикеп во претходните квалификации со Естонија. Сега го добиваме Мозес Рајт, преквалитетен играч. Се надевам дека ќе бидеме добар тандем и со останатите играчи ќе дојдеме до успех, –порача Димитријевиќ.