Министерството за финансии продолжува со имплементацијата на новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој беше донесен на крајот на јуни, со цел воспоставување современа регулатива, посилна контрола и поголема заштита на граѓаните, информираше денес министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во објава на својот Фејсбук-профил, Димитриеска-Кочоска најави и дека по усвојувањето на Законот продолжува процесот на негово спроведување преку донесување на потребните подзаконски акти.
Како еден од првите чекори е донесен Правилникот за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа, со кој детално се пропишува документацијата потребна за потврдување на репутацијата на правните и физичките лица кои поднесуваат барање за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.