Контроверзната крајнодесничарска Алтернатива за Германија, AfD, е на прагот на досега најголемиот политички пробив. На изборите во Саксонија Анхалт на 6 септември партијата според последната анкета на Infratest dimap има 41 отсто поддршка, убедливо пред Христијанско демократската унија со 24 отсто. Доколку AfD успее и да формира влада, тоа би било првпат по Втората светска војна крајнодесничарска партија да преземе извршна власт во една германска сојузна покраина.
Копретседателката на AfD, Алис Вајдел, веќе зборува како победата да е извесна. Во интервју за ZDF изјави дека партијата ќе формира влада во Саксонија Анхалт, а амбициите ги прошири и на сојузно ниво, тврдејќи дека AfD во иднина ќе владее и со Германија.
Кандидат за покраински премиер е 35 годишниот Улрих Зигмунд, еден од најпрепознатливите политичари на AfD во источна Германија. Партијата се обидува изборите во Саксонија Анхалт да ги претвори во доказ дека таканаречениот политички заштитен ѕид околу неа може да биде пробиен.
Големите германски партии досега одбиваат коалициска соработка со AfD. ЦДУ ја брани оваа политика со оценката дека AfD претставува закана за основните демократски и уставни принципи, додека самата AfD тврди дека изолацијата е недемократска.
Но изборите на 6 септември се важни и поради она што AfD најавува дека би го направила доколку еден ден стигне до сојузната власт.
Вајдел во интервјуто за ZDF ја бранеше партиската позиција за напуштање на системот на еврото и оцени дека на Германија ѝ било подобро пред воведувањето на заедничката европска валута. Според најновиот нацрт на програмата на AfD, во партијата и натаму се разгледува враќање на национална валута, иако и самата внатрешна дебата признава дека таков чекор би бил исклучително тежок за спроведување.
Уште подиректна е позицијата за Шенген.
Вајдел порача дека Германија треба трајно да ги затвори границите доколку е потребно и да излезе од Шенгенскиот систем за слободно движење. Тоа би значело фундаментална промена за земја која има копнени граници со девет држави и е во центарот на европското движење на луѓе и стоки.
AfD заговара и многу построга миграциска политика, повеќе депортации и потешки услови за добивање германско државјанство.
Во надворешната политика партијата подолго време бара и прекин на воената помош за Украина, укинување на санкциите кон Русија и обновување на економските и енергетските односи со Москва.